По повод ,,16 мај – Денот на ромскиот отпор’’, РРОМА во рамки на проектот ,,Roma Youth Bring Change’’ организираше детективска игра и кампања на тема антициганизам во Скопје.
Целта на активностите беа да се одаде значење на историјата и културата на Ромите како и да се подигне свеста за последиците од антициганизамот како форма на расизам. За остварување на оваа цел, 4 млади луѓе кои поминаа обука за креирање и реализирање на детективска игра како и 4 млади луѓе кои беа обучени за кампања, со помош на својата креативност успејаа да ги прошират видиците на дел од луѓето кои изразија желба и љубопитност да бидат дел од нашата активност.
Детективската игра водена од четирите млади фасилитатори имаше за цел да адресира дел од историското потекло на предрасудите и стереотипите спрема Ромите. Целта на детективската игра беше да се најде изгубениот декрет на австриската владетелка Марија Терезијас која за поголема економска ефикасност и социјална контрола во 1758, 1773 и 1783 година објави декрети со цел присилна асимилација на Ромите. Овие декрети им забранија на Ромите да поседуваат коњи и кочии и ги забраниле нивните традиционални занимања како музичари, трговци со коњи и ковачи и нивната номадска природа. Имињата им беа заменувани со нови германски имиња, а употребата на ромскиот јазик резултираше во физички казни. Сепак, најсуровата регулатива предвидуваше децата Роми да бидат одземени од нивните родители и да им се дадат на неромските семејства за да се ,, стекнат со подобро образование’’.
Детективите имаа задача да го најдат ,,случајно’’ изгубениот декрет издаден од Марија Терезијас кој што претходно престојувал во музеј. Тие беа водени од скриени писма на повеќе тајни локации низ Скопје, предводени од еден од ,,вработените во музејот’’ за кој што со последната трага и неколку елементи кои се совпаѓаа со приказната, се испостави дека е крадецот на декретот. Детективската игра заврши со тоа што младите детективи го уапсија крадецот, и на крајот им беше објаснета целта на оваа игра како и инспирацијата за истата од вистински историски настан.
Потоа во рамки на истиот проект следуваше кампања на тема ,, Културата на Ромите и антициганозамот’’ каде што четирите младичи обучени за кампања направија ,,Ѕид на предрасудите’’ чија цел беше љубопитните минувачи да пријдат и ѕигла по ѕигла да го срушат, со секоја ѕигла откривајќи по еден факт за ромската историја, култура и антициганизмот. На минувачите исто така им беа доделени флаери со едукативни натписи за оваа форма на расизам и како може да делуваме.
Овој проект е во соработка со Autonomia, Detectivity и ERGO Network, а е поддржан од Еразмус+ програмата на Европската Унија.