Во рамки на проектот My future job инициран од Educom Teregova, кој се состоеше од подготвителна средба и две размени, РРОМА одржа онлајн работилница со останати млади кои не беа вклучени во проектот за да го прошират импактот на истиот.
Целта на проектот е да се обезбеди можност за учење на младите со цел да се стекнат со информации и искуство, нови вештини и компетенции специфични за советување и кариерно насочување, како и пристап до информации од онлајн сферата со цел да соочувањето со интервју за работа и изготвувањето документи за вработување се направат полесни. При овој проект се очекува младите да ги развијат своите комуникациски вештини, одговорност, тимска работа, критичко размислување, преговарање, итн. Програмата Еразмус+ има за цел да го промовира младинското учество и да го зајакне квалитетот на неформалните процеси на учење.
На работилницата младите имаа можност да видат како се пишува мотивационо писмо и СиВи и да се служат со онлајн алатки за помош при подготовката на истите. Најинтересниот дел за младите претставуваше активноста со играње на улоги, односно младите беа поделени во посебни групи во парови на платформата Зум и имаа за цел да симулират интервју за работа така што секој од нив доби улога, еден да биде работодавецот а другиот да биде потенцијалниот вработен. На средбата исто така присуствуваа и учесници од размените каде што го споделија своето искуство со останатите.
Проектот е Еразмус+ и е поддржан од Европската Унија.