Се организираше второто издание на настанот “Ромската жена во 21иот век – можности, придонеси и предизвици”

По  повод 8 Март- меѓународниот ден на жената, коалицијата на ромски невладини организации “Khetane“ го организираше второто издание на настанот “Ромската жена во 21иот век – можности, придонеси и предизвици” во ЕУ куќата. Настанот е продолжение од минатогодишниот настан во рамки на проектот насловен „Romani Women POWER OF CHANGE in the Western Balkans and Turkey“ (IPA/2019/162472-1/3) поддржан од ЕУ.

На овој двочасовен настан свое обраќање имаа сопругата на Претседателот на Република Северна Македонија, г-ѓа Елизабета Ѓоргиевска и ЕУ амбасадорот и шеф на делегацијата на ЕУ во Република Северна Македонија, г-дин Дејвид Гир.

Во своите обраќања, ја истакнаа својата поддршка за создавање на поволна средина и зголемување на свеста кај општата популација, за да се надминат бариерите, со цел поголема инклузија на жените Ромки. За придонесот и поддршката за унапредување на правата на жените и девојчињата Ромки, коалицијата Khetane им врачи благодарници на сопругата на Претседателот на Република Северна Македонија и ЕУ амбасадорот.

  Коалицијата “Khetane” покани говорнички од ромската заедница со различни профили и професионално искуство, жени кои први го имаат отпочнато ромскиот женски активизам во земјава, жени што работат на економско зајакнување на ромската заедница и почитување на човековите права. Панелистките кои што ги споделија своето искуство со публиката беа: Г-ѓа Дилбера Камберовска од организацијата „ДАЈА“ од Куманово; Г-ѓа Кјмет Амет од РАЖМ „ЛУЛУДИ“ од Скопје; Г-ѓа Сузан Амет од организацијата „МИР“ од Скопје и Г-ѓа Енисе Демирова од здружението „Черења“ од Штип. Препознавајќи ги нивните заложби, искуство и придонеси за унапредување на правата на жените и девојчињата Ромки, коалицијата Khetane им додели благодарници за нивниот ангажман.

Настанот “Ромската жена во 21иот век – можности, придонеси и предизвици” се организираше со цел да ги зајакне и охрабри ромските жени во Северна Македонија, давајќи видливост и важност на нивните улоги и придонеси во македонското општество. Преку споделувањето на нивните лични искуства и приказни, јавноста имаше увид во нивните достигнувања како жени со различни профили на работа.

Исто така, се даде акцент на важноста на еднаквите економски, правни и репродуктивни права на ромските жени, како и важноста на концептот на родовата еднаквост и учеството на ромските жени во процесот на интеграција на ромската заедница, носењето на одлуки и креирањето оддржливи политики за Ромите во Северна Македонија, како идна членка на ЕУ.

Поради запазување на протоколите од КОВИД-19, панел дискусијата се пренесуваше во живо на фејсбук страниците на коалицијата.