Categories
Uncategorized Новости

Свечено отварање на изложбата ,,Расна дијагноза: Циган”

На 12.04.2023 во просториите на НУ Музеј на Македонија, Скопје се одржа свеченото отварање на изложбата „Расна дијагноза: Циган“ – нацистичкиот геноцид на Синтите и Ромите и долгата борба за признавање – организирана од страна на РРОМА во соработка со Централниот Совет на германските Синти и Роми, Документациониот Културен Центар на германските Синти и Роми и земјите од Западен Балкан.

На изложбата беа присутни претставници од институциите, јавниот сектор, невладини организации, амбасадори, градоначалници и членови на граѓанското општество.

Поздравниот говор го одржа г-дин Елвис Мемети советник на премиерот на Република Северна Македонија. Тој ја поддржа реализацијата на ваква изложба и ја нагласи важноста за поголема информираност во однос на оваа тема.

Потоа свое обраќање имаше и г-ѓа Емина Шемо – Управа за афирмирање и унапредување на културата на припадниците на заедницата, во кое што ги поздрави организаторите на оваа изложба и ги охрабри присутните да се бориме за продолжување на сеќавањето на овој трагичен дел од минатото. На изложбата со своето присуство нѐ почести и г-дин Адмир Ујкановиќ – директорот на Управата за афирмирање и унапредување на културата на припадниците на заедниците.

Свое излагање имаше и г-дин Емран Елмази – Директор на Документациониот Културен Центар на германските Синти и Роми. Тој ја потенцираше и ја објасни целта на оваа изложба, зошто ние треба да се потсетиме на овој дел од минатото, зошто Ромскиот геноцид е заборавен дел од Холокаустот како и одговорноста што секој од нас ја носи за никогаш да не се повтори.

Директорот на РРОМА, г-дин Мустафа Јакупов во своето обраќање им се заблагодари на сите присутни и ги покани сите заинтересирани да ја посетат изложбата која трае до 28ми април. Тој истакна дека овој концепт на пренесување на историјата за Ромскиот геноцид е новитет на нашите простори со тоа што ова е вториот пат во Северна Македонија, во кој што имаме изложба на оваа тема.

По завршувањето на говорите следуваше тура низ изложбата водена од страна на г-дин Емран Елмази.

РРОМА ги поканува сите заинтересирани да ја посетат изложбата која трае до 28.04.2023 во просториите на НУ Музеј на Македонија. Влезот за изложбата е слободен.