Categories
Новости

Се оддржа третото издание на „Ромската жена во 21иот век – можности, придонеси и предизвици”

По  повод 8 Март- меѓународниот ден на жената, коалицијата на ромски невладини организации “Khetane“ го организираше третото издание на настанот “Ромската жена во 21иот век – можности, придонеси и предизвици – Ромската жена и нејзиното учество во политиката” во ЕУ куќата, Скопје. Настанот е продолжение од минатогодишните настани во рамките на проектот насловен „Romani Women POWER OF CHANGE in the Western Balkans and Turkey“ поддржан од ЕУ.

На овој двочасовен настан свое обраќање имаа сопругата на Претседателот на Република Северна Македонија, г-ѓа Елизабета Ѓоргиевска и Шефот за соработка во Делегацијата на ЕУ во Република Северна Македонија, г-дин Штефен Худолин.

Во своите обраќања, ја истакнаа својата поддршка за создавање на поволна средина и зголемување на свеста кај општата популација, за да се надминат бариерите, со цел поголема инклузија на жените Ромки. За придонесот и поддршката, коалицијата Khetane им врачи благодарници.

Обраќање на г-ѓа Елизабета Ѓоргиевска:

Овогодишниот настан се фокусираше на учеството на жените-Ромки во политиката. По тој повод, коалицијата “Khetane” покани говорнички од ромската заедница со професионално искуство, жени кои се вклучени или биле вклучени во политиката. Панелистките кои што ги споделија своето искуство со публиката беа: Г-ѓа Љатифа Шиковска, пратеничка во Собранието на РСМ; Г-ѓа Мирдита Салиу, советничка при Град Скопје; Г-ѓа Мерсиха Сали Усеин, поранешен секретар на ромска политичка партија; Г-ѓа Енисе Демирова, поранешна советничка при општина Штип. Препознавајќи ги нивните заложби, искуство и придонеси за унапредување на правата на жените и девојчињата Ромки, коалицијата Khetane им додели благодарници за нивниот труд и работа. Модератор на настанот беше г-ца Урмета Арифовска од РРОМА, а заклучоците ги презентираше г-ца Сибел Бајрам, претседавач на Khetane, претседателка на Лачо Диве.

        

Настанот “Ромската жена во 21иот век – можности, придонеси и предизвици – Ромската жена и нејзиното учество во политиката” се организираше со цел да ги зајакне и охрабри ромските жени во Северна Македонија, давајќи видливост и важност на нивните улоги и придонеси во македонското општество. Преку споделувањето на нивните лични искуства и приказни, јавноста имаше увид во нивните достигнувања како ромски жени, можностите на ромските жени кои што учестуваат во политиката, но и нивните предизвици во политиката. На панелот, се даде акцент на важноста на еднаквите економски, правни и репродуктивни права на ромските жени, како и важноста на концептот на родовата еднаквост и учеството на ромските жени во процесот на интеграција на ромската заедница, носењето на одлуки и креирањето оддржливи политики за Ромите во Северна Македонија, како идна членка на ЕУ.

Помеѓу заклучоците на панелот беше истакнато: Ромската жена која што сака да постигне висока позиција во општеството и заедницата, го прифаќа предизвикот на живеење и борба меѓу два света. Едниот свет каде што од нејзе се бара почитување на традицијата, станувајќи сопруга, мајка, и невеста која што мора да ги исполни сите обврски, покажувајќи потчинетост и наклонетост кон семејството; и другиот свет каде што мора да се соочи со предизвиците на современото живеење, да работи, да се бори за еднакви права, еднаква почит, еднаква плата и постојано докажување како жена. Како општество водено од мажи треба да се сме свесни за предизвиците на жени, нивните обиди да внесат рамнотежа меѓу овие два света, како и нивната голема пожртвуваност за да можат да успеат да се изборат како ромски жени во 21-виот век! Тоа можеме и мораме да го почитуваме и поддржиме кај жените од ромската заедница.

Поради запазување на протоколите од КОВИД-19, панел дискусијата се пренесуваше во живо на фејсбук страниците на коалицијата.

Проектот „Romani Women – POWER OF CHANGE in the Western Balkans and Turkey“ е поддржан од Европската Унија во рамките на повикот (Europe Aid/162473/DH/ACT/Multi) со проектен број 2019/413-758 имплементиран од страна на Рома Актив Албанија и партнер-организацијата Регионална Ромска Образовна Младинска Асоцијација.

Проектот е финансиран од Европската Унија