Иако, прилично доцна, на 15 април 2015 година Европскиот парламент[i] донесе резолуција која што повика на официјално признавање на 2 август како Европски ден за сеќавање на холокаустот врз Ромите и Синтите за време на Втората светска војна. Понатака, во резолуцијата се препознава антициганизамот како главна причина за историската маргинализација и дискриминација на Ромите низ Европа и се повикува на потребата за спротиставување на антициганизамот во сите сфери и нивоа, со сите расположливи средства бидејќи како таков овој феномен е упорен, насилен, повторлив и вообичаена форма на расизам кон Ромите и оние кои што во окото на мнозинството се перципираат под стигмата на „Циган“[ii].
Поминаа околу 6 години, 3 месеци и 14 дена од оваа резолуција, без да ги спомнеме останатите резолуции поврзани со прашањето и темата. Дали се променило нешто во Европа поврзано со Ромите и борбата против антициганизамот? Едноставно, не![iii]
Ромите, иако се и биле дел од европската историја со векови наназад, нивните придонеси и наративи во суштина остануваат игнорирани, запоставени и погрешно претставувани низ нашите општества.
Немањето на политичка волја и желба за признавање на геноцидот врз Ромите, или спротиставување на антициганизамот ја одразува континуираната дискриминација, говорот на омраза и насилните акти предизвикани од омраза врз нашата заедница.
Еден правилен акт на признавање на минатото и холокаустот на Ромите е клучен, не само за правда и достоинство на убиените Роми, туку за испраќање на порака дека во нашето општество нема место за антициганизамот! Само така ќе можеме да се соочиме со тековниот анти-ромски говор и однесување, кои за жал се присутни со вознемирувачка фреквенција во нашето општество.
За да имаме таков еден правилен акт, нашата влада треба:
- Формално да го признае 2 Август како официјален ден за сеќавање на Холокаустот врз Ромите и Синтите;
- Да изгради, почитува и зачува споменици посветени на жртвите Роми;
- Да инвестира во музеи, центри за истражување и други институции посветени на Ромскиот Холокауст, Ромската историја и култура;
- Изучувањето на Ромската историја и култура да станат дел од образовните програми и учебници;
- Да го признаат антициганизамот како специфична форма на расизам која што ги таргетира ромските заедници и да прилагодат различни превентивни и реактивни алатки во борбата против овој феномен.
Гореспоменатите реченици не се листа со желби, туку реални потреби за унапредување на статусот на Ромската заедница во нашата држава и минимизирање на антициганизамот во нашата држава. Веруваме дека има многу релевантни прашања што треба итно да се следат и решат, но сите тие нема да успеат да ја решат основната причина за исклучувањето на Ромите. За тоа е важно социо-економската инклузија и борбата против антициганизамот да се надополнуваат едно со друго.
Нашето општество се соочува со предизвик, бидејќи покрај економската криза предизвикана од пандемијата се соочуваме со морална криза. А, најранливите во нашето општество се најтешко погодени! Да не дозволиме истите да станат лесна мета на популизам и омраза, туку заеднички да се спротиставиме. Ова е наша држава, наше општество, само заеднички можеме да изградиме заедница на взаемна почит и љубов, а не заедница на страв и омраза на едни кон други!
[i] https://op.europa.eu/en/publication-detail/-/publication/d1509576-7400-11e6-b076-01aa75ed71a1/language-en
[ii] https://www.antigypsyism.eu/
[iii] https://balkaninsight.com/2021/06/23/czech-floyd-illustrates-struggles-of-roma-lives-matter/