Од 28 јули до 4 август РРОМА заедно со други партнер организации учествуваше на комеморацијата Dikh He Na Bister – Гледај и не заборавај, организирана во чест на Ромскиот геноцид во Аушвиц.
На 2 август 2022 година, се сеќаваме на сите 500.000 Роми и Синти кои беа убиени во Европа окупирана од нацистите. Ние се сеќаваме и им оддаваме почит и на безброј други кои беа ограбени, деградирани, киднапирани, нападнати, експериментирани, стерилизирани, оние кои ги загубија своите семејства, пријатели и животот во Ромскиот геноцид.
На 2 август 1944 година, приближно 4.300 затвореници Роми – главно жени, деца и стари лица – беа принудени да излезат од касарните на Аушвиц-Биркенау, и покрај нивниот отпор. Тие беа убиени во гасните комори и изгорени во крематориум V.
Во 2015 година, 2 август беше прогласен од страна на Европскиот парламент за европски меморијален ден на холокаустот на Синти и Роми.
На овој ден се собираме во Аушвиц-Биркенау, местото каде што дискриминацијата и омразата ескалираа во ужасно насилство, експлоатација и убиства на индустриско ниво.
Ние сме 200 Роми и не-Роми од 11 различни земји плус група од 50 млади луѓе од Романија и тука сме да учиме, да дискутираме и да не заборавиме.
Учесниците на Dikh He Na Bister одржаа трогателна младинска комеморација пред крематориумот V од кампот Биркенау, каде пред 78 години на 2-ри август 1944 година, повеќе од 4000 затвореници Роми и Синти беа егзекутирани во гасната комора.
По младинската комеморација што учесниците на DHNB ја имаа утрото пред крематориумот V, тимот се приклучи на главниот комеморативен настан на споменикот на Ромите и синтите кои загинаа во Аушвиц Биркенау.
Пред присутните збор го зедоа неколку официјални лица како што се: –
– Роман Квјатковски, претседател на Здружението на Ромите во Полска
– Романи Розе, претседател на Централниот совет на германски Синти и Роми
– Кристијан Пфеил, преживеан
– Бодо Рамелоу, претседател на Бундесратот
– Хелена Дали, еврокомесар за еднаквост
– Пјотр Цивински, директор на Државниот музеј Аушвиц-Биркенау
– Наталија Томенко, Dikh He Na Bister, ternYpe Меѓународна ромска младинска мрежа
Денот беше добра можност за нашите учесници да им оддадат почит на нивните предци и сите жртви на холокаустот и да размислуваат за ужасите што беа извршени за време на Втората светска војна за да се погрижат тие никогаш да не се повторат.