Categories
Конкурси Новости

Повик за семинар “ Das Amen Godi” – We remember, 10.12.2021 – 17.12.2021, Berlin- Germany

Регионалната Ромска Образовна Младинска Асоцијација објавува повик за семинар “ Das Amen Godi” – We remember, кој ќе се одржи од 10.12.2021 – 17.12.2021, во Берлин, Германија.

На семинарот ќе учествуваат 30 лица од 7 европски земји (Германија, Северна Македонија, Бугарија, Романија, Унгарија, Србија и Италија).

Семинарот има за цел да развие сеопфатен пристап по прашањето на Сеќавање на геноцидот и едукација на маргинализираните млади, нивно ефективно вклучување и учество во локални, национални и меѓународни програми, за зајакнување на соработката и односите меѓу ромските и неромските млади и младински организации со цел зајакнување на концептуално разбирање за меѓукултурен дијалог, вклучување на младите, зајакнување и мобилизација, како и активно граѓанство и да се воспостави систем за поддршка за зајакнување на младите Роми капацитети и развој на нови проекти во рамките на новата програма Еразмус плус.

Проектот покрај подигање на свеста за геноцидот на Ромите за време на Втората светска војна преку креативни методи, има за цел зајакнување на меѓукултурниот дијалог меѓу ромските и неромските млади, како и поддршка на долгорочна соработка и размена меѓу ромските и неромските младински организации.  Преку овој семинар сакаме да се подигне самосвеста и самодовербата на младите, да им даде капацитет да се изразат и да ги поттикнат да се вклучат во општеството и да го слушнат нивниот глас.

Целта е да се промовира позитивна слика за Ромите како активни граѓани и е посветен на зајакнување на довербата, меѓусебно почитување и заеднички ангажман на младите Роми и не-Роми. преку овој семинар не само што ќе се зголеми знаењето и чувствителноста на младите Европејци за темите Човекови права, Ромски Геноцид и антициганизам, но зголемената свест кај младите Роми и нероми може зајакнување на свеста на учесниците за нивната улога и одговорност во рамките на нивните
заедниците, општеството и во Европа воопшто.

Семинарот е поддржан од Еразмус плус програмата на Европската комисија.

На повикот може да се пријават:

  • Млади Роми и не-Роми од 18 до 25 години (лидерот може да биде над 25 години)
  • лидер/ки, младински работници/чки, волонтери/ки …
  • Работен јазик е англискиот јазик, но со можност за меѓусебна поддршка од страна на останатите учесници
  • Вакцинирани со : BioNTech (Pfizer), Spikevax® from Moderna, Vaxzevria® from AstraZeneca and COVID-19 Vaccine Janssen® from Johnson&Johnson.

Трошоци поврзани со семинарот и предвидените активности се покриени од страна на организаторите:

  • Патни трошоци од закажаното место на поаѓање до местото на пристигнување и од местото на пристигнување до местото на поаѓање
  • Сместување
  • Храна
  • Предвидени активности за време на младинската размена

Изберените учесници НЕ плаќаат партиципација за учество на проектот.

Обврска на учесниците:

  • Валиден пасош
  • Сертификат за Ковид 19 Вакцинација
  • Патничко осигурување
  • Патните трошоци од местото на живеење до местото на поаѓање.

Заинтересираните учесници можат да се пријават потполнувајќи ја апликацијата најдоцна до 15 Ноември  2021 година (понеделник), најдоцна до 18:00 часот!

Categories
Новости

Dikh te na bistra! Гледаме, но да не заборавиме!

Иако, прилично доцна, на 15 април 2015 година Европскиот парламент[i] донесе резолуција која што повика на официјално признавање на 2 август како Европски ден за сеќавање на холокаустот врз Ромите и Синтите за време на Втората светска војна. Понатака, во резолуцијата се препознава антициганизамот како главна причина за историската маргинализација и дискриминација на Ромите низ Европа и се повикува на потребата за спротиставување на антициганизамот во сите сфери и нивоа, со сите расположливи средства бидејќи како таков овој феномен е упорен, насилен, повторлив и вообичаена форма на расизам кон Ромите и оние кои што во окото на мнозинството се перципираат под стигмата на „Циган“[ii].

Поминаа околу 6 години, 3 месеци и 14 дена од оваа резолуција, без да ги спомнеме останатите резолуции поврзани со прашањето и темата. Дали се променило нешто во Европа поврзано со Ромите и борбата против антициганизамот? Едноставно, не![iii]

Ромите, иако се и биле дел од европската историја со векови наназад, нивните придонеси и наративи во суштина остануваат игнорирани, запоставени и погрешно претставувани низ нашите општества.

Немањето на политичка волја и желба за признавање на геноцидот врз Ромите, или спротиставување на антициганизамот ја одразува континуираната дискриминација, говорот на омраза и насилните акти предизвикани од омраза врз нашата заедница.

Еден правилен акт на признавање на минатото и холокаустот на Ромите е клучен, не само за правда и достоинство на убиените Роми, туку за испраќање на порака дека во нашето општество нема место за антициганизамот! Само така ќе можеме да се соочиме со тековниот анти-ромски говор и однесување, кои за жал се присутни со вознемирувачка фреквенција во нашето општество.

За да имаме таков еден правилен акт, нашата влада треба:

  • Формално да го признае 2 Август како официјален ден за сеќавање на Холокаустот врз Ромите и Синтите;
  • Да изгради, почитува и зачува споменици посветени на жртвите Роми;
  • Да инвестира во музеи, центри за истражување и други институции посветени на Ромскиот Холокауст, Ромската историја и култура;
  • Изучувањето на Ромската историја и култура да станат дел од образовните програми и учебници;
  • Да го признаат антициганизамот како специфична форма на расизам која што ги таргетира ромските заедници и да прилагодат различни превентивни и реактивни алатки во борбата против овој феномен.

Гореспоменатите реченици не се листа со желби, туку реални потреби за унапредување на статусот на Ромската заедница во нашата држава и минимизирање на антициганизамот во нашата држава. Веруваме дека има многу релевантни прашања што треба итно да се следат и решат, но сите тие нема да успеат да ја решат основната причина за исклучувањето на Ромите. За тоа е важно социо-економската инклузија и борбата против антициганизамот да се надополнуваат едно со друго.

Нашето општество се соочува со предизвик, бидејќи покрај економската криза предизвикана од пандемијата се соочуваме со морална криза. А, најранливите во нашето општество се најтешко погодени! Да не дозволиме истите да станат лесна мета на популизам и омраза, туку заеднички да се спротиставиме. Ова е наша држава, наше општество, само заеднички можеме да изградиме заедница на взаемна почит и љубов, а не заедница на страв и омраза на едни кон други!

[i] https://op.europa.eu/en/publication-detail/-/publication/d1509576-7400-11e6-b076-01aa75ed71a1/language-en

[ii] https://www.antigypsyism.eu/

[iii] https://balkaninsight.com/2021/06/23/czech-floyd-illustrates-struggles-of-roma-lives-matter/

Categories
Конкурси

Бидете дел од Квизот!!!

РРОМА ви овозможува да го тестирате своето познавање и научите повеќе историски факти за Ромскиот геноцид за време на Втората светска војна, а притоа да добиете некои од ексклузивните награди!!!
За да учествувате треба да го решите тестот:
ТЕСТ
  1. Кликнете на тестот!
  2. Пишете ја вашата е-маил адреса во полето одредено за тоа!
  3. Решите го тестот!
  4. Добијте некои од ексклузивните награди!
  5. Најдобрите и најбрзите ќе бидат електронски контактирани за начинот на подигнување на наградата!
  6. Секој учесник има право на едно пријавување!

Квизот ќе биде достапен до 16-ти мај 2021 година!

Categories
Новости

РРОМА одржа онлајн семинар – 75 години сеќавање

Во рамките на проектот ” 75 години сеќавање – Младите Роми и не-Роми се борат против заборавање ”  поддржан од програмата Europe for Citizens, РРОМА го одржа првиот онлајн семинар на темата холокауст, едукација и млади. Семинарот се одржа од 24-26 јуни 2020 година, користејќи ја ZOOM платформата.

Учесници на онлајн средбата беа околу 36 претставници од Романија, Македонија, Германија, Србија, Бугарија, Унгарија, Грција, Италија, Албанија.

Покрај техничките објаснувања и генералните презентации на тимот и проектот, учесниците имаа можност да слушнат за историскиот конструкт за Антициганизам и неговото влијание за време на Втората светска војна, презентирана од страна на Мустафа Јакупов – РРОМА ( Северна Македонија), Ромскиот геноцид – “Што ни кажува историјата?” од страна на д-р Милован Писари ( Србија), г-ѓа Оана Балутеску од програмата Europe for Citizen – Романија. Исто така се даде осврт на работа и едукација со млади на темата поврзана со холокаустот како и ситуацијата со Старо Сајмиште во Србија и Законот за заштита на споменици.

 

 

 

Наредниот онлајн семинар ќе се одржи од 28-29 Јули 2020 година, од страна на партнер организацијата Amaro Foro (Берлин).

За повеќе информации следете не на:

Facebook

Categories
Новости

Заврши семинарот во рамките на проектот „Европска солидарност и сеќавање – нашето право на сеќавање“

Регионалната Ромска Образовна Младинска Асоцијација заедно со партнер-организацијата Амаро Форо од Германија од 29 март до 02 април 2019 година во Берлин го организираше интернационалниот семинар за едукација на тема Ромскиот геноцид за време на Втората светска војна во рамките на проектот “Европско сеќавање и солидарност-Нашето право на сеќавање!” поддржан од програмата Europe for Citizens на Европската Унија.

Учесниците на семинарот имаа можност да го надоградуваат своето знаење во областа преку работа со едукативни материјали во документациониот и културен центар на германските Синти и Роми и посета на спомениците подигнати за сеќавање на различните жртви на национал-социјализмот за време на Втората светска војна.

  

Исто така, беше организирана едукативна посета на концентрациониот логор Саксенхаузен каде што учесниците имаа можност да слушнат за третманот на Синтите и Ромите во логорот и да учестуваат во едукативна работилница организирана во просториите на центарот.

 

Последниот ден беше посветен на рефлексија и подготовка на следните активности, вклучувајќи ги едукативните материјали во рамките на проектот. По завршувањето на средбата, претставникот на РРОМА замина за Брисел каде што присуствуваше во рамките на конференцијата организирана од страна на програмата која што го поддржува проектот.

Categories
Новости

Заврши првата младинска размена во рамките на проектот “Khetane! Заедно! Zusammen!”

Од 26.10 до 01.11.2018 година во Хотел Кратис се оддржа првата младинска размена во рамките на проектот “Khetane! Заедно! Zusammen!” поддржан од фондацијата EVZ.

Овој младински проект има за цел да ги зближи младите Роми и не-Роми кои што живеат во Македонија и Германија преку употребата на неформални алатки за учење на историјата на Ромите за време на Втората светска војна и нивното страдање.

Младите учесници од Македонија и Германија имаа можност да научат повеќе за овој мрачен дел од историјата на Ромите и да дознаат информации за механизмите и условите кои што доведоа до геноцидот на Ромите. Исто така, тие имаа можност да креираат свои продукти и визии како тие гледат на историјата и иднината работејќи во помали работни групи на стрипови, театар и социјални медиуми. Резултатите ќе бидат презентирани кон крајот на проектот кои што ќе бидат достапни на пошироката јавност.

 

Кон крајот на размената, учесниците имаа слободно попладне разгледувајќи го Кратово. Локалниот водич Стевче Доневски им ја долови богатата историја на градот и многуте легенди поврзани со истиот. На крај, учесниците ја посетија етно-куќата Шанчева каде што дегустираа локална храна подготвена од домаќините Доневски.

Втората размена во рамките на проектот ќе се оддржи во Април 2019 година во Берлин, каде што младите учесници ќе имаат можност и да го посетат споменикот подигнат во чест на убиените Роми и Синти за време на Втората светска војна.

Categories
Новости

Младите од Македонија учествуваа на Dik He Na bister 2018

Регионалната Ромска Образовна Младинска Асоцијација од Кратово во соработка со МИР од Скопје учествуваше со претставници од Македонија на настанот за оддбележување на геноцидот врз Ромите за време на Втората светска војна. Настанот се оддржа од 29 јули до 4 август во Краков, Полска.

Настанот се организира од 2010 година од страна на интернационалната Ромска младинска мрежа ternYpe (http://ternype.eu/) како иницијатива за сеќавање на Ромскиот геноцид, односно 2 август (http://2august.eu/). Низ годините, настанот успеа да прерасне во традиционално младинско одбележување и сеќавање на Ромскиот геноцид, каде што секоја година млади од 20 земји во просек учестуваат во работилници и едукативни настани во Краков и посети на музејот Аушвиц и комеморацијата во Аушвиц-Биркенау.

Едукативната програма за 2018 година се состоеше од 10 работни групи под водство на 2 фасилитатори. Учесниците во работните групи имаа можност да се запознаат и дознаат повеќе за ужасите од страна на нацистите, геноцидот, антициганизмот во модерното време, како и важните датуми 2 август 1944 и 16 мај 1944, но и како да се сеќаваме на 2 август и да превземеме акција во борбата против расизмот.

Еден ден беше посветен за посета на музејот Аушвиц и Аушвиц-Биркенау каде што учесниците низ 8-часовна едукативна тура добија информации за концентрациониот логор и ја посетија изложбата посветена на Ромите во барака бр.13. Исто така, го посетија Аушвиц-Биркенау, односно имаа можност да го видат т.н. Камп на циганските фамилии и да ги посетат остатоците од крематориумот бр.5 каде што ноќта помеѓу 2 и 3 август 1944 година, 2897 Ромски жени, деца и стари лица беа погубени.

На 2 август 2018, учесниците беа дел од комеморацијата на Ромскиот геноцид. Оваа година имаше над 270 млади Роми и не-Роми од околу 23 европски земји. На последниот ден беа презентирани резултатите од работните групи од страна на учесниците. За повеќе информации поврзани со настанот, можете да ја посетите ФБ страната: https://www.facebook.com/DikhHeNaBister/