Categories
Uncategorized Новости

Свечено отварање на изложбата ,,Расна дијагноза: Циган”

На 12.04.2023 во просториите на НУ Музеј на Македонија, Скопје се одржа свеченото отварање на изложбата „Расна дијагноза: Циган“ – нацистичкиот геноцид на Синтите и Ромите и долгата борба за признавање – организирана од страна на РРОМА во соработка со Централниот Совет на германските Синти и Роми, Документациониот Културен Центар на германските Синти и Роми и земјите од Западен Балкан.

На изложбата беа присутни претставници од институциите, јавниот сектор, невладини организации, амбасадори, градоначалници и членови на граѓанското општество.

Поздравниот говор го одржа г-дин Елвис Мемети советник на премиерот на Република Северна Македонија. Тој ја поддржа реализацијата на ваква изложба и ја нагласи важноста за поголема информираност во однос на оваа тема.

Потоа свое обраќање имаше и г-ѓа Емина Шемо – Управа за афирмирање и унапредување на културата на припадниците на заедницата, во кое што ги поздрави организаторите на оваа изложба и ги охрабри присутните да се бориме за продолжување на сеќавањето на овој трагичен дел од минатото. На изложбата со своето присуство нѐ почести и г-дин Адмир Ујкановиќ – директорот на Управата за афирмирање и унапредување на културата на припадниците на заедниците.

Свое излагање имаше и г-дин Емран Елмази – Директор на Документациониот Културен Центар на германските Синти и Роми. Тој ја потенцираше и ја објасни целта на оваа изложба, зошто ние треба да се потсетиме на овој дел од минатото, зошто Ромскиот геноцид е заборавен дел од Холокаустот како и одговорноста што секој од нас ја носи за никогаш да не се повтори.

Директорот на РРОМА, г-дин Мустафа Јакупов во своето обраќање им се заблагодари на сите присутни и ги покани сите заинтересирани да ја посетат изложбата која трае до 28ми април. Тој истакна дека овој концепт на пренесување на историјата за Ромскиот геноцид е новитет на нашите простори со тоа што ова е вториот пат во Северна Македонија, во кој што имаме изложба на оваа тема.

По завршувањето на говорите следуваше тура низ изложбата водена од страна на г-дин Емран Елмази.

РРОМА ги поканува сите заинтересирани да ја посетат изложбата која трае до 28.04.2023 во просториите на НУ Музеј на Македонија. Влезот за изложбата е слободен.

Categories
Uncategorized Конкурси Новости

ПОВИК ЗА УЧЕСНИЦИ НА ,,DIKH HE NA BISTER 2023”

Регионалната Ромска Образовна Младинска Асоцијација од Кратово, во соработка со Документациониот и културен центар на германските Синти и Роми, Централниот совет на германските Синти и Роми и ternYpe објавува повик за учесници за учество на Dikh He Na Bister 2023.

Овогодишниот проект опфаќа 4 фази:

  1. Подготовка на националните лидери од секоја земја на средба во Барселона, Шпанија. Датумот ќе биде дополнително договорен. Присуството на подготовката е задолжително!
  2. Подготовка на селектираните учесници за настанот во Краков (Полска). Датумот ќе биде дополнително договорен. Присуството на подготовката е задолжително!
  3. Учество на настанот “Dikh He Na Bister 2023” и комеморација на Ромскиот геноцид за време на Втората светска војна. Активностите се оддржуваат во Краков (Полска) со посети на музејот “Аушвиц” и присуство на комеморацијата на 2 август во Аушвиц-Биркенау. Настанот се оддржува од 29 јули до 4 август 2023 година;
  4. Настани/работилници организирани од учесниците за понатамошна дисеминација на добиените информации во период од септември до декември 2023 година.

Концепт за 2023

Концептот за 2023 предвидува едукативен настан за младите учесници од 15 европски земји, кои што ќе бидат дел од работните групи предводени од фасилитаторите на настанот. Предност ќе им биде дадена на младите кои што за првпат ќе го посетуваат настанот и музејот “Аушвиц”.

Младите учесници ќе работат со своите фасилитатори во мешани работни групи на темите на Ромската историја, Ромскиот геноцид, Антициганизмот и улогата на младите во борбата против модерните облици на расизмот.

Учесниците ќе останат во мешани работни групи од почетокот до крајот на настанот за да се осигура стабилна група која што заедно со своите врсници ќе поминат низ едукативниот процес на настанот потпомогнати од своите фасилитатори.

Профил на учесници

  • Млади на возраст од 18 до 25 години;
  • Да имаат желба да научат повеќе за темата на Ромскиот геноцид за време на Втората светска војна;
  • Да работат во мултикултурни групи без предрасуди;
  • Да бидат подготвени стекнатото знаење од едукативниот настан да го пренесат во своите заедници;
  • Да присуствуваат на подготвителните активности организирани од страна на РРОМА;
  • Работен јазик на едукативниот настан е англискиот јазик. Работниот јазик ќе се користи во работните групи и од страна на фасилитаторите. Се очекува учесниците да имаат активно познавање на работниот јазик. Познавањето на Ромскиот јазик ќе се смета за предност.
  • Да имаат валиден пасош за патување, со најмалку 6 месеци валидност откако ќе се вратат од Полска!

Трошоци

Трошоците поврзани со подготовката, како и за меѓународното патување, храна и сместување за настанот во Полска се покриени од страна на организаторите на настанот. Селектираните учесници задолжително го покриваат своето патничко осигурување и трошоците до договореното место за поаѓање од Македонија до Полска и назад.

Патување до Полска и назад

За патувањето до Полска и назад ќе биде со организиран превоз.

Задолжителни документи за патување на учесниците:

  • Валиден пасош (6 месеци пред рокот на истекување)
  • Патничко осигурување (покриен од страна на учесниците)

Сместување во Полска

Учесниците ќе бидат сместени во студентскиот дом “Жажек”(Zaczek). Веднаш до него се Универзитетските простории каде што ќе се држат едукативните работилници.

Пријавување

Пријавувањето на повикот за учесници се врши со потполнување на апликацијата за учество.

За дополнителни прашања поврзани до настанот за оваа година можете да ни пишете на: info@rromassn.org

Напомена: Со потполнување на апликацијата вие станувате дел од процесот на селекција. Доколку, бидете селектирани се обврзувате задолжително да извадите патничко осигурување. Исто така, доколку бидете селектирани и не учествувате во подготвителните активности, РРОМА го задржува правото вашето место да го понуди на друго лице од резервната листа!

Categories
Uncategorized Новости

ЗАВРШИ СЕМИНАРОТ ,,ROMA REMEMBRANCE AND SOLIDARITY”

Регионалната Ромска Образовна Младинска Асоцијација (РРОМА) во периодот од 9ти до 16ти декември учествуваше и беше дел од реализацијата на семинарот Roma Remembrance and Solidarity во Берлин, организиран од страна на Амаро Дром. На 8 дневниот семинар учествуваа повеќе од 30 млади активисти од Германија, Северна Македонија, Унгарија, Србија, Бугарија, Италија и Романија. Овој проект е поддржан од Еразмус+ програмата на Европската Унија.

Во текот на 8те денови учесниците имаа можност да научат повеќе за човечките права, за дискриминацијата, за државјанство, што е култура и што значи идентитет за една млада личност. Со детална анализа успејаа да ги откријат елементите на пирамидата на омразата, а потоа и да ги откријат и продискутираат за 10те чекори кои водат до геноцид, како да ги препознаат, и што може да се преземе.

Присутните ја имаа честа да научат повеќе за историјата и геноцидот на Ромите од страна на проф.Христо Ќучуков, кој несебично го сподели неговото знаење со присутните и беше на располагање да одговори на прашањата кои ги имаа.

Во текот на наредните денови учесниците ја имаа можноста да го посетат музејот Topography of Terror, каде што исто така добија многу информации за ромскиот геноцид како и за холокаустот.

Во наредните денови учесницитте на семинарот го посетија споменикот на Ромите и Синтите каде што се одржа мала симболична комеморација, со положување свежо цвеќе, минутен молк а потоа учесниците читаа поезија и проза која што претходно ја имаа подготвено.

Categories
Uncategorized Конкурси Новости

ПОВИК ЗА УЧЕСТВО НА СЕМИНАР ,,ROMA REMEMBRANCE AND SOLIDARITY” ВО БЕРЛИН, ГЕРМАНИЈА

Регионалната Ромска Образовна Младинска Асоцијација објавува повик за учество на семинарот ,,ROMA REMEMBRANCE AND SOLIDARITY” кој што ќе се одржи  од 9 до 16 декември 2022 година (9ти и 16ти декември се денови за патување) во Берлин, Германија.

8-дневниот семинар организиран од Амаро Дром ќе опфати 30 ромски и неромски млади и младински активисти од 7 европски земји (Германија, Северна Македонија, Бугарија, Романија, Унгарија, Србија и Италија).

Семинарот има за цел:

  • Да развие сеопфатен пристап за прашањето за сеќавање на геноцидот и едукација на маргинализираните младите,
  • Нивно ефективно вклучување и учество во локални, национални и меѓународни програми, за зајакнување на соработката и односите меѓу ромските и неромските млади и младински организации.
  • Зајакнување на концептуалното разбирање за меѓукултурен дијалог, младинско вклучување, еманципација, мобилизација и активно граѓанство.
  • Воспоставување систем за поддршка за зајакнување на капацитетите на младите Роми и развој на нови проекти во рамките на новата програма Еразмус плус.

Овој проект промовира позитивна слика за Ромите како активни граѓани и е посветен на зајакнување на довербата, меѓусебното почитување и заеднички ангажман на младите Роми и не-Роми. Овој проект не само што ќе го зголеми знаењето и чувствителноста на младите Европејци на темите Човекови права, Ромскиот геноцид и антициганизмот, туку зголемената свест кај младите Роми и не-Роми може да ја зајакне свеста на учесниците за нивната улога и одговорност во рамките на нивните заедници, општеството и во Европа воопшто.

На повикот може да се пријават:

  • Млади Роми и не-Роми од 16 до 28 години (можни се исклучоци)
  • средношколци, младински работници, волонтери
  • Mотивирани да се вклучат во преобликувањето на стратегијата за младинско ангажирање на нивните организации
  • Работен јазик е англискиот јазик, но со можност за меѓусебна поддршка од страна на останатите учесници.

Трошоци поврзани со семинарот и предвидените активности се покриени од страна на организаторите:

  • Патни трошоци од закажаното место на поаѓање до местото на пристигнување и од местото на пристигнување до местото на поаѓање
  • Сместување
  • Храна
  • Предвидени активности за време на младинската размена

Изберените учесници НЕ плаќаат партиципација за учество на проектот.

Обврска на учесниците:

  • Валиден пасош
  • Сертификат за Ковид 19 Вакцинација
  • Патничко осигурување
  • Патните трошоци од местото на живеење до местото на поаѓање.

Заинтересираните учесници можат да се пријават потполнувајќи ја апликацијата најдоцна до 23 декември 2022 година, најдоцна до 18:00 часот!

Пакет со информации.

Categories
Uncategorized Новости

КОМЕМОРАЦИЈА 2 АВГУСТ DIKH HE NA BISTER – СЕЌАВАЊЕ НА РОМСКИОТ ГЕНОЦИД

Од 28 јули до 4 август РРОМА заедно со други партнер организации учествуваше на комеморацијата Dikh He Na Bister – Гледај и не заборавај, организирана во чест на Ромскиот геноцид во Аушвиц.

На 2 август 2022 година, се сеќаваме на сите 500.000 Роми и Синти кои беа убиени во Европа окупирана од нацистите. Ние се сеќаваме и им оддаваме почит и на безброј други кои беа ограбени, деградирани, киднапирани, нападнати, експериментирани, стерилизирани, оние кои ги загубија своите семејства, пријатели и животот во Ромскиот геноцид.

На 2 август 1944 година, приближно 4.300 затвореници Роми – главно жени, деца и стари лица – беа принудени да излезат од касарните на Аушвиц-Биркенау, и покрај нивниот отпор. Тие беа убиени во гасните комори и изгорени во крематориум V.

Во 2015 година, 2 август беше прогласен од страна на Европскиот парламент за европски меморијален ден на холокаустот на Синти и Роми.
На овој ден се собираме во Аушвиц-Биркенау, местото каде што дискриминацијата и омразата ескалираа во ужасно насилство, експлоатација и убиства на индустриско ниво.
Ние сме 200 Роми и не-Роми од 11 различни земји плус група од 50 млади луѓе од Романија и тука сме да учиме, да дискутираме и да не заборавиме.

Учесниците на Dikh He Na Bister одржаа трогателна младинска комеморација пред крематориумот V од кампот Биркенау, каде пред 78 години на 2-ри август 1944 година, повеќе од 4000 затвореници Роми и Синти беа егзекутирани во гасната комора.

        

По младинската комеморација што учесниците на DHNB ја имаа утрото пред крематориумот V, тимот се приклучи на главниот комеморативен настан на споменикот на Ромите и синтите кои загинаа во Аушвиц Биркенау.
Пред присутните збор го зедоа неколку официјални лица како што се: –
– Роман Квјатковски, претседател на Здружението на Ромите во Полска
– Романи Розе, претседател на Централниот совет на германски Синти и Роми
– Кристијан Пфеил, преживеан
– Бодо Рамелоу, претседател на Бундесратот
– Хелена Дали, еврокомесар за еднаквост
– Пјотр Цивински, директор на Државниот музеј Аушвиц-Биркенау
– Наталија Томенко, Dikh He Na Bister,  ternYpe Меѓународна ромска младинска мрежа

      

Денот беше добра можност за нашите учесници да им оддадат почит на нивните предци и сите жртви на холокаустот и да размислуваат за ужасите што беа извршени за време на Втората светска војна за да се погрижат тие никогаш да не се повторат.

Categories
Uncategorized Новости

Одржана подготвителна средба во рамките на 2ри август – Dikh He Na Bister

Втори август е европски ден на сеќавањата на холокаустот врз Синтите и Ромите кога на истиот ден во 1944 година во една ноќ во Аушвиц се убиени 4300 луѓе. По тој повод РРОМА заедно со своите партнер организации, секоја година преку комеморација го обележува тој датум во чест на Ромите и Синтите, жртви на Холокаустот.

 

За таа цел, денеска, на 18.07.2022 РРОМА одржа подготвителна средба со селектираните учесници кои ќе учествуваат на комеморацијата од 28.07.2022 до 04.08.2022 во Полска, Аушвиц на која што им беа споделени подетални информации за текот на активностите кои ќе следат таму, и исто така им се даде еден историски осврт кон ромскиот геноцид и ефектите на Холокаустот врз Синтите и Ромите.

      

 

 

Categories
Новости

Dikh te na bistra! Гледаме, но да не заборавиме!

Иако, прилично доцна, на 15 април 2015 година Европскиот парламент[i] донесе резолуција која што повика на официјално признавање на 2 август како Европски ден за сеќавање на холокаустот врз Ромите и Синтите за време на Втората светска војна. Понатака, во резолуцијата се препознава антициганизамот како главна причина за историската маргинализација и дискриминација на Ромите низ Европа и се повикува на потребата за спротиставување на антициганизамот во сите сфери и нивоа, со сите расположливи средства бидејќи како таков овој феномен е упорен, насилен, повторлив и вообичаена форма на расизам кон Ромите и оние кои што во окото на мнозинството се перципираат под стигмата на „Циган“[ii].

Поминаа околу 6 години, 3 месеци и 14 дена од оваа резолуција, без да ги спомнеме останатите резолуции поврзани со прашањето и темата. Дали се променило нешто во Европа поврзано со Ромите и борбата против антициганизамот? Едноставно, не![iii]

Ромите, иако се и биле дел од европската историја со векови наназад, нивните придонеси и наративи во суштина остануваат игнорирани, запоставени и погрешно претставувани низ нашите општества.

Немањето на политичка волја и желба за признавање на геноцидот врз Ромите, или спротиставување на антициганизамот ја одразува континуираната дискриминација, говорот на омраза и насилните акти предизвикани од омраза врз нашата заедница.

Еден правилен акт на признавање на минатото и холокаустот на Ромите е клучен, не само за правда и достоинство на убиените Роми, туку за испраќање на порака дека во нашето општество нема место за антициганизамот! Само така ќе можеме да се соочиме со тековниот анти-ромски говор и однесување, кои за жал се присутни со вознемирувачка фреквенција во нашето општество.

За да имаме таков еден правилен акт, нашата влада треба:

  • Формално да го признае 2 Август како официјален ден за сеќавање на Холокаустот врз Ромите и Синтите;
  • Да изгради, почитува и зачува споменици посветени на жртвите Роми;
  • Да инвестира во музеи, центри за истражување и други институции посветени на Ромскиот Холокауст, Ромската историја и култура;
  • Изучувањето на Ромската историја и култура да станат дел од образовните програми и учебници;
  • Да го признаат антициганизамот како специфична форма на расизам која што ги таргетира ромските заедници и да прилагодат различни превентивни и реактивни алатки во борбата против овој феномен.

Гореспоменатите реченици не се листа со желби, туку реални потреби за унапредување на статусот на Ромската заедница во нашата држава и минимизирање на антициганизамот во нашата држава. Веруваме дека има многу релевантни прашања што треба итно да се следат и решат, но сите тие нема да успеат да ја решат основната причина за исклучувањето на Ромите. За тоа е важно социо-економската инклузија и борбата против антициганизамот да се надополнуваат едно со друго.

Нашето општество се соочува со предизвик, бидејќи покрај економската криза предизвикана од пандемијата се соочуваме со морална криза. А, најранливите во нашето општество се најтешко погодени! Да не дозволиме истите да станат лесна мета на популизам и омраза, туку заеднички да се спротиставиме. Ова е наша држава, наше општество, само заеднички можеме да изградиме заедница на взаемна почит и љубов, а не заедница на страв и омраза на едни кон други!

[i] https://op.europa.eu/en/publication-detail/-/publication/d1509576-7400-11e6-b076-01aa75ed71a1/language-en

[ii] https://www.antigypsyism.eu/

[iii] https://balkaninsight.com/2021/06/23/czech-floyd-illustrates-struggles-of-roma-lives-matter/

Categories
Конкурси Новости

Повик за учество на Dikh He Na Bister 2021

Регионалната Ромска Образовна Младинска Асоцијација од Кратово, во соработка со Документациониот и културен центар на германските Синти и Роми, Централниот совет на германските Синти и Роми и ternYpe објавува повик за учесници за учество на Dikh He Na Bister 2021.

 

Овогодишниот проект опфаќа 3 фази:

  1. Онлајн подготовка на селектираните учесници за настанот во Краков (Полска). Датумот ќе биде дополнително договорен. Присуството на подготовката е задолжително!
  2. Учество на настанот “Dikh He Na Bister 2021” и комеморација на Ромскиот геноцид за време на Втората светска војна. Активностите се оддржуваат во Краков (Полска) со посети на музејот “Аушвиц” и присуство на комеморацијата на 2 август во Аушвиц-Биркенау. Настанот се оддржува од 28 јули до 4 август 2021 година;
  3. Настани организирани од учесниците за понатамошна дисеминација на добиените информации во период од септември до декември 2021 година.

Концепт за 2021:

Имајќи ја во предвид пандемијата со Ковид-19 и рестрикциите, концептот за 2021 година предвидува едукативен настан за младите учесници од 10 европски земји со намален број на учесници, кои што ќе бидат дел од работните групи предводени од фасилитаторите на настанот. Предност ќе им биде дадена на младите кои што за првпат ќе го посетуваат настанот и музејот “Аушвиц”. Учесниците ќе бидат дел од активностите за сеќавање и одбележување на 77 годишнината на Ромскиот геноцид.
Младите учесници ќе работат со своите фасилитатори во работни групи на темите на Ромската историја, Ромскиот геноцид, Антициганизмот и улогата на младите во борбата против модерните облици на расизмот.

Учесниците ќе останат во своите работни групи од почетокот до крајот на настанот за да се осигура стабилна група која што заедно со своите врсници ќе поминат низ едукативниот процес на настанот потпомогнати од своите фасилитатори.

Подготовка:

Селектираните учесници од Македонија ќе поминат низ процес на подготовка. Присуството на онлајн подготовката е задолжително за сите селектирани учесници!
Бараме учесници:
  • Млади на возраст од 18 до 30 години кои што за првпат ќе бидат дел од настанот;
  • Да имаат желба да научат повеќе за темата на Ромскиот геноцид за време на Втората светска војна;
  • Да работат во мултикултурни групи без предрасуди;
  • Да бидат подготвени стекнатото знаење од подготовката и едукативниот настан да го пренесат во своите заедници;
  • Да присуствуваат на онлајн подготовката организирана од страна на РРОМА;
  • Работен јазик на младинската размена и едукативниот настан во Краков е англискиот јазик. Работниот јазик ќе се користи во работните групи и од страна на фасилитаторите. Се очекува учесниците да имаат активно познавање на работниот јазик. Познавањето на Ромскиот јазик ќе се смета за предност.
  • Да имаат валиден пасош за патување, со најмалку 6 месеци валидност откако ќе се вратат од Полска!

Бараме лидер/ка на група:

  • Личност на возраст од 18 до 30 години која што има претходно искуство на темата;
  • Да е бил/а веќе на настанот Dikh He Na Bistar во Краков, Полска
  • Лидер/ка на групата се грижи за учесниците;
  • Да работи во мултикултурни групи без предрасуди;
  • Да присуствува на онлајн подготовката организирана од страна на РРОМА;
  • Да има познавања од англискиот јазик
  • Да има валиден пасош за патување, со најмалку 6 месеци валидност откако ќе се врати од Полска!

Трошоци

Трошоците поврзани со подготовката, како и за меѓународното патување, храна и сместување за настанот во Полска се покриени од страна на организаторите на настанот. Селектираните учесници задолжително го покриваат своето патничко осигурување и трошоците до договореното место за поаѓање од Македонија до Полска и назад.*

* Се мисли на  национални патни трошоци на пр. место за поаѓање Куманово. Учесниците ќе треба да си го покријат патот до Куманово и назад.

Патување до Полска и назад

За патувањето до Полска и назад ќе биде со организиран превоз.

Задолжителни документи за патување на учесниците:

  • Валиден пасош (6 месеци пред рокот на истекување)
  • Патничко осигурување (покриен од страна на учесниците)
  • Негативен ПЦР тест направен 48 часа пред патувањето (покриен од страна на организацијата)

Доколку, учесникот е вакциниран:

  • Документ (сертификат) за вакцина 14 дена од последната примена вакцина пред патувањето.

Сместување во Полска

Учесниците ќе бидат сместени во студентскиот дом “Жажек”(Zaczek). Веднаш до него се Универзитетските простории каде што ќе се држат едукативните работилници.

Пријавување

Пријавувањето на повикот за учесници се врши со потполнување на апликацијата за учествонајдоцна до 02 јули 2021 година, 18:00 часот! Апликациите после предвидениот рок нема да се земаат во предвид!

За дополнителни прашања поврзани до настанот за оваа година можете да ни пишете на: info@rromassn.org

Напомена: Со потполнување на апликацијата вие станувате дел од процесот на селекција. Доколку, бидете селектирани се обврзувате задолжително да извадите патничко осигурување. Исто така, доколку бидете селектирани и не учествувате во подготвителните активности, РРОМА го задржува правото вашето место да го понуди на друго лице од резервната листа!

Ви благодариме на покажаниот интерес!
Categories
Новости

Се одржа онлајн квиз по повод 16 – ти Мај, денот на Ромското востание

16-ти мај 1944 година, денот кога нацистите почна да го планираат “конечното решение” за “Циганскиот камп” во Аушвиц. На затворениците на кампот им беше наредено да останат во бараките и тие беа опкружени со 60 СС војници. Но, тогаш тие се соочиле со бунт од страна на мажите, жените и децата, вооружени со ништо повеќе од стапчиња, алатки и камења. И на крајот СС војниците мораа да се повлечат, одложувајќи го нивното истребување за неколку месеци.

Денес го почитуваме  отпорот на нашите предци и земаме сила и зајакнување од нивната борба – оваа сила ни помага да продолжиме да се спротивставуваме секој ден.

РРОМА по повод 16 – мај, денот на Ромското востание, реализиареше оналјн квиз, со кој ви се  овозможи да го тестирате своето познавање и научите повеќе историски факти за Ромскиот геноцид за време на Втората светска војна, а притоа да добиете некои од ексклузивните награди!!!

Во квизот учествува 14 учесници, од кои првите 5 учесници со највеќе поени ќе бидат доополнително известени за своите награди.

Ви благодариме на сите што учествувате во квизот!

Categories
Конкурси

Бидете дел од Квизот!!!

РРОМА ви овозможува да го тестирате своето познавање и научите повеќе историски факти за Ромскиот геноцид за време на Втората светска војна, а притоа да добиете некои од ексклузивните награди!!!
За да учествувате треба да го решите тестот:
ТЕСТ
  1. Кликнете на тестот!
  2. Пишете ја вашата е-маил адреса во полето одредено за тоа!
  3. Решите го тестот!
  4. Добијте некои од ексклузивните награди!
  5. Најдобрите и најбрзите ќе бидат електронски контактирани за начинот на подигнување на наградата!
  6. Секој учесник има право на едно пријавување!

Квизот ќе биде достапен до 16-ти мај 2021 година!