Categories
Новости

16 мај – денот на Ромскиот отпор!

“… Нацистите имаа намера да ги истребаат Ромите целосно до мај 1944. На 15 мај, СС раководителот на „Циганскиот“ камп Георг Бонигут им наредува на затворениците да останат во своите бараки. Наредниот ден, 50 до 60 СС војници го опколија кампот. Тие се обидуваа да ги истераат затворениците надвор од своите бараки, но не успеваа во тоа.
На 16 мај 1944, мажи, жени и деца од таканаречниот Цигански камп во Аушвиц-Биркенау, претходно предупредени од припадниците на отпорот во кампот, се организираа да дадат отпор кон СС војниците кои дојдоа истата вечер да ги водат кон гасните комори. Плашејќи се за непотребни загуби, бидејќи дел од затворениците беа поранешни припадници на германската војска и од тоа отпорот да не се прошири во останатите делови од кампот, СС војниците се повлекоа.
Но, следеа нечовечки мерки кон таквиот отпор. На затворениците од „Циганскиот“ камп им беше укината и таа мала порција на храна кои што ја добиваа дневно …
На 23 мај, СС војниците се вратија и преку 1500 Роми од Биркенау беа носени кон Аушвиц од каде што беа испратени за Бухенвалд. Два дена подоцна, 82 Роми беа испратени во кампот Флосенбург и 144 Ромски жени во Равенсбрук. Останаа помалку од 3000 луѓе во таканаречениот „камп на циганските фамилии“, повеќето жени, деца и изнемоштени стари лица. Нивното убиство се случи ноќта помеѓу 2 и 3 август 1944 година, и покрај отпорот што го дадоа, 2897* Роми беа натоварени на камионите и однесени во гасната комора број V, каде што беа убиени,а нивните тела спалени…“
*Новите истражувања на Аушвиц музејот, кои што се објавени во „Мемориа“ списанието на музејот покажуваат дека таа бројка може да биде поголема и изнесува околу 4200 до 4300 убиени Роми.
Да учествуваме во сеќавањето на овој важен датум и да не го заборавиме! Можете да се вклучите во он-лајн акцијата со тоа што ќе ја смените вашата профилна слика, симнувајќи профилна/ковер-слика од албумот на РРОМА и да ставите хаш-таг #RomaniResistance #16may #OpreRoma #dignity итн.