На 13 и 14 јуни во Брисел се одржа Генералното Собрание на мрежата ЕРГО. На средбата се дискутираше за преминот кон новата ERGO мрежа регистрирана во Белгија, новите законски ставки и ажурирањата на ERGO Network.
Исто така се одржа специјална седница за војната во Украина, на која разговаравме за тоа како можеме да ги оптимизираме нашите напори и да соработуваме како за поддршка на нашата организација членка Чирикли во Украина, така и за организациите во земјите кои примаат украински Роми бегалци.
На средбата исто така се гласаше за кандидати кои ќе го сочинуваат новиот борд. Еден од шестте одберени членови на бордот, на кои што членките на ЕРГО му ја врачија нивната доверба е и Мустафа Јакупов, директор на РРОМА.
На 14-ти јуни, со финансиска поддршка на Меѓународниот Вишеградски фонд, организиравме тркалезна маса за политики, чија цел беше да се отпочне дискусијата за постоечките предизвици на антициганизмот како специфичен облик на расизам и неговите различни манифестации внатре и надвор од Европската унија.
На настанот присуствуваа над 30 членови и партнери на ЕРГО Мрежата од национално ниво, со учество на говорници од Социјалната платформа, Европската мрежа против расизмот – ЕНАР, Еуродијаконија Брисел, Дирекцијата за правда и потрошувачи на ЕУ на Европската комисија, како и од францускиот член на ERGO Network La voix des Rroms.
Тркалезната маса ги разгледа вкрстувањата со главните антирасистички рамки на политиката и каде се појавуваат синергии или можности за заедничко застапување и соработка што може да помогне да се зајакне работата за понатамошно решавање на ромските прашања на сеопфатен начин.
Тоа даде можност да се испита важноста на подигање на свеста од големи размери и промовирање на длабоко разбирање на антициганизмот како специфична форма на расизам, не само на национално, туку и на европско ниво.
Беа дадени позитивни предлози за тоа како да се реши структурниот и институционалниот расизам против Ромите на интерсекциски начин што ќе помогне да се изгради разбирање околу феноменот и да се поддржи вклучувањето на Ромите.
Заклучоците и препораките од настанот понатаму ќе бидат споделени и користени од ERGO Network и партнерите во нивната работа за застапување и соработка, околу рамки како што се Ромската рамка на ЕУ за еднаквост, вклучување и учество, Акциониот план на ЕУ против расизмот, Европски семестар и Европскиот столб за социјални права.