Dikh, Ker, Na Bister – Да ги научиме и запаметиме сеќавањата за 2 август!

Поминаа 75 години од крајот на Втората светска војна, но сè уште не учиме за холокаустот што ни се случи како Роми во училиште. Поминаа векови и познатите историски факти за прогонот на нашиот народ остануваат на маргините, непознати и игнорирани од страна на владите. Историската одговорност за учењето за минатото е важна и релевантна за нашата заедница. Признавањето, сеќавањето и комеморацијата на холокаустот над нашиот народ треба да бидат присутни во нашите општества, затоа што треба да учиме за иднината со тоа што ќе се сеќаваме на минатото, но ќе дејствуваме во сегашноста за да го спречиме минатото да се повтори во иднината.

Важно е да се научи, но потоа и да се запомни дека на 2 август 1944 година во Аушвиц-Биркенау беа убиени 4.300 Синти и Роми. Дека беа однесени во текот на ноќта од нивните бараки до гасните комори од страна на СС-војниците, кои само неколку месеци порано беа „поразени“ во жестокиот отпор на ромските затвореници кои се бореле со ништо друго освен казми и лопати на 16-ти мај! Треба да разбереме дека Ромите и Синтите ширум светот се собираат за да го одбележат овој ден, се сеќаваме на над 500.000 убиените Роми, нивните одземени животи, желби, аспирации, растурени бракови и изгубени детства, фрлени во кампови, полиња и необележани ровови низ цела Европа за време на Втората светска војна.

Нашите општества се соочуваат со вистински предизвик да одговорат на зголемениот пораст на дискриминација, говор на омраза и антициганизам против Ромите, кој сега се забрзува поради актуелната криза. Покрај економска криза, предизвикана од пандемијата – се соочуваме со политичка и морална криза. Најранливите во нашите општеството се најтешко погодени од кризата, а таа ги турка надвор од општествените маргини, кои заклучени во своите рурални и урбани гета, ги прави лесни мети на популизам и омраза. Овој вид на длабоко вкоренет антициганизам сè уште во голема мера се игнорира од страна на креаторите на политики и нивните влади.

Иако, како Роми со векови сме дел од Европа и европската историја, нашите наративи и придонеси за европските општества остануваат во голема мера игнорирани и на маргините на она што европската историја го претставува или треба да го претставува, имено дека сме обединети низ различностите!

Денес, со подемот на ксенофобијата, расизмот, антициганизамот и екстремно-десничарските движења низ Европа и светот, подигањето на свеста и ширењето на знаење за ромскиот геноцид се јавува како нужна потреба. Ова е нашиот свет, нашето општество, мораме и треба заеднички да го избегнеме моментот да стане заедница на страв и омраза на едни кон други, наместо тоа, треба да се стремиме да бидеме горди и еднакви општества на взаемно почитување!

За таа цел, РРОМА се приклучи на повикот на Европската коалиција за сеќавање на Ромскиот Холокауст и ја повикува владата и интернационалната заедница:

  • Формално да го признае 2 Август како официјален ден за сеќавање на Холокаустот врз Ромите и Синтите;
  • Изгради, почитува и зачува споменици посветени на жртвите Роми и Синти на Холокаустот;
  • Инвестира во музеи, центри за истражување и други институции посветени на Ромскиот Холокауст, Ромската историја и култура;
  • Изучувањето на Ромската историја и култура да станат дел од образовните програми и учебници;
  • Да го признаат антициганизамот како специфична форма на расизам која што ги таргетира ромските заедници и да прилагодат различни превентивни и реактивни алатки во борбата против овој феномен.