Categories
Конкурси Новости

Повик за учество на Dik He Na Bister 2019

Регионалната Ромска Образовна Младинска Асоцијација од Кратово, во соработка со Документациониот и културен центар на германски Синти и Роми, Централниот совет на германските Синти и Роми и ternYpe објавува повик за учесници за учество на Dik He Na Bister 2019.

Овогодишниот проект опфаќа 3 фази:

  1. Подготовка на селектираните учесници за настанот во Краков (Полска). Локацијата и датумот ќе бидат дополнително договорени. Присуството на подготовката е задолжително!
  2. Учество на настанот “Dik He Na Bister 2019” и 75 годишнината на комеморација на Ромскиот геноцид за време на Втората светска војна. Активностите се оддржуваат во Краков (Полска) со посети на музејот “Аушвиц” и присуство на комеморацијата на 2 август во Аушвиц-Биркенау. Настанот се оддржува од 29 јули до 4 август 2019 година;
  3. Настани организирани од учесниците за понатамошна дисеминација на добиените информации во период од септември до ноември 2019 година.

Концепт за 2019:

Концептот за 2019 предвидува едукативен настан за младите учесници од 30 европски земји, кои што ќе бидат дел од работните групи предводени од фасилитаторите на настанот. Предност ќе им биде дадена на младите кои што за првпат ќе го посетуваат настанот и музејот “Аушвиц”. Учесниците ќе бидат дел од активностите за сеќавање и одбележување на 75 годишнината на Ромскиот геноцид.
Младите учесници ќе работат со своите фасилитатори во мешани работни групи на темите на Ромската историја, Ромскиот геноцид, Антициганизмот и улогата на младите во борбата против модерните облици на расизмот.

Учесниците ќе останат во мешани работни групи од почетокот до крајот на настанот за да се осигура стабилна група која што заедно со своите врсници ќе поминат низ едукативниот процес на настанот потпомогнати од своите фасилитатори.

Подготовка:

Селектираните учесници од Македонија ќе поминат низ процес на подготовка. Присуството на подготовката е задолжително за сите селектирани учесници!

Локацијата и времето за подготовка ќе бидат дополнително договорени по селекцијата на учесниците.

Бараме учесници:
  • Млади на возраст од 18 до 30 години кои што за првпат ќе бидат дел од настанот;
  • Да имаат желба да научат повеќе за темата на Ромскиот геноцид за време на Втората светска војна;
  • Да работат во мултикултурни групи без предрасуди;
  • Да бидат подготвени стекнатото знаење од подготовката и едукативниот настан да го пренесат во своите заедници;
  • Да присуствуваат на подготовката организирана од страна на РРОМА;
  • Работен јазик на младинската размена и едукативниот настан во Краков е англискиот јазик. Работниот јазик ќе се користи во работните групи и од страна на фасилитаторите. Се очекува учесниците да имаат активно познавање на работниот јазик. Познавањето на Ромскиот јазик ќе се смета за предност.
  • Да имаат валиден пасош за патување, со најмалку 6 месеци валидност откако ќе се вратат од Полска!

Бараме помлад/a лидер/ка на група:

  • Личност на возраст од 18 до 30 години која што има претходно искуство на темата;
  • Заедно со постариот лидер на групата да се грижат за учесниците;
  • Да работат во мултикултурни групи без предрасуди;
  • Да присуствува на подготовката организирана од страна на РРОМА;
  • Да има познавања од англискиот јазик
  • Да има валиден пасош за патување, со најмалку 6 месеци валидност откако ќе се врати од Полска!

Трошоци

Трошоците поврзани со подготовката, како и за меѓународното патување, храна и сместување за настанот во Полска се покриени од страна на организаторите на настанот. Селектираните учесници задолжително го покриваат своето патничко осигурување и трошоците до договореното место за поаѓање од Македонија до Полска и назад.*

* Се мисли на  национални патни трошоци на пр. место за поаѓање Куманово. Учесниците ќе треба да си го покријат патот до Куманово и назад.

Патување до Полска и назад

За патувањето до Полска и назад ќе биде организиран превоз со автобус.

Сместување во Полска

Учесниците ќе бидат сместени во студентскиот дом “Жажек”(Zaczek). Веднаш до него се Универзитетските простории каде што ќе се држат едукативните работилници.

Пријавување

Пријавувањето на повикот за учесници се врши со потполнување на апликацијата за учествонајдоцна до 10 мај 2019 година, 18:00 часот! Апликациите после предвидениот рок нема да се земаат во предвид!

За дополнителни прашања поврзани до настанот за оваа година можете да ни пишете на: info@rromassn.org

Напомена: Со потполнување на апликацијата вие станувате дел од процесот на селекција. Доколку, бидете селектирани се обврзувате задолжително да извадите патничко осигурување. Исто така, доколку бидете селектирани и не учествувате во подготвителните активности, РРОМА го задржува правото вашето место да го понуди на друго лице од резервната листа!

Можност за присуство на комеморацијата на 2 август 2019 година:

Сите оние кои што се заинтересирани да присуствуваат на 75 годишнината на одбележувањето на Ромскиот геноцид во Аушвиц-Биркенау, истото можат да го сторат покривајќи ги своите трошоци за патување и сместување. Организаторите помагаат околу сместувањето во Краков по поволна цена. За повеќе информации можете да ни пишете на: info@rromassn.org

Ви благодариме на покажаниот интерес!